Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во наредните денови ќе ја посети украинската престолнина Киев, на покана на украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува агенцијата Turkiye Gazetesi, повикувајќи се на украинскиот амбасадор во Анкара, Нариман Џелјал.

Амбасадорот Џелјал најави дека еден од главните фокуси на средбата ќе биде ратификацијата на Договорот за слободна трговија помеѓу Турција и Украина.

Очекувањата се дека разговорите ќе го опфатат и ангажманот на Анкара за мирно решавање на војната во Украина.

По трите претходни рунди преговори што се одржаа во Истанбул, Ердоган изрази оптимизам дека наскоро може да се случи нова рунда преговори меѓу Украина и Русија, насочена кон ставање крај на конфликтот.

Третата рунда разговори беше одржана на 23 јули во Истанбул. Беше договорена размена на затвореници, но не беше постигнат значаен напредок кон прекин на огнот.

Ердоган неколкупати изјави дека Турција е подготвена да организира средба на високо ниво, штом бидат создадени потребните услови. Потенцијалната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски би била прва директна средба по 2019 година, кога дискутираа за прекин на борбите во источниот регион Донбас.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, исто така потврдил дека би присуствувал на таков состанок, доколку до него дојде.

Путин неодамна изрази подготвеност да се сретне со Зеленски, веднаш штом двете делегации ги завршат неопходните подготовки.

Текстот Ердоган доаѓа во Киев на покана од Зеленски – наскоро нова рунда преговори? е превземен од МАКФАКС.