Наполи загуби од Милан со 1:0 на „Сан Сиро“ во првиот меч од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас беше стартер во тимот на Лучијано Спалети и за првпат играше на позицијата „лажна деветка“.
„Првпат играв на оваа позиција. Мислам дека беше добро. Во целина, одигравме добар натпревар, но, сепак, доживеавме пораз. Ништо не е загубено, ќе треба да одиграме уште подобро на реваншот во Неапол. Знаевме дека нѐ очекува тежок меч против Милан, тие се актуелни прваци на Италија“, изјави Елиф Елмас.
Елиф Елмас имаше една голема шанса со удар со глава од 15 метри. Сепак, единствениот погодок на натпреварот го постигна Исмаел Бенасер во 40. минута, а најдобар играч на Милан беше голманот Мајк Мењон.
„Имавме шанси, но не постигнавме погодок. Мислам дека тренерот Спалети ќе смисли нешто за реваншот. Навистина не знам што би кажал за судењето. Сите фудбалери на Наполи добија жолти картони, Ангиса беше исклучен, а за исти стартови домаќинот не беше санкциониран. Сепак, ние треба да ја гледаме нашата работа и да играме најдобро што можеме. Сега се фокусираме на следниот меч од Серија А, а потоа и на реваншот со Милан во Неапол“, истакна македонскиот репрезентативец.