Европската комисија започна формална истрага со цел да процени дали можеби „Мајкрософт“ ги прекршил правилата за конкурентност на ЕУ со поврзувањето на неговата алатка за комуникација „Тимс“ со популарните пакет системи „Офис 365“ и „Мајкрософт 365 “.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, потпретседателката на Европската комисија задолжена за политика на конкурентност, Маргрете Вестагер изјави дека ЕУ мора да се погрижи производите и услугите што се нудат на европскиот пазар да бидат во согласност со антимонополските правила, што важи и за алатките за онлајн комуникација, како што е „Тимс“, кои им се неопходни на многу бизниси во Европа.
Затоа мораме да се погрижиме пазарите за овие производи да останат конкурентни, а компаниите слободно да ги изберат производите што најдобро ги задоволуваат нивните потреби. Ова е причината зошто истражуваме дали поврзувањето на пакетите на „Мајкрософт“ со „Тимс“ можеби ги прекршува правилата за конкурентност на ЕУ, изјави Вестагер.
Европската комисија е загрижена дека со поврзувањето на „Тимс“ со неговите пакети „Офис 365“ и „Мајкрософт 365 “, „Мајкрософт“ може да ја злоупотреби својата пазарна позиција со ограничување на пристапот до други конкурентски алатки за комуникација.
Ваквите практики може да претставуваат антиконкурентско врзување или здружување и да ја намали конкурентноста на добавувачите на други алатки за комуникација на штета на клиентите во Европската економска област (ЕЕА), посочи Европската комисија, додавајќи дека веќе го информирала „Мајкрософт“ за покренувањето на истрагата.
Реакцијата на Еврокомисијата доаѓа по жалбата на компанијата „Слак Технолоџис“, која го обвини „Мајкрософт“ дека „незаконски ја поврзал“ алатката „Тимс“ со неговите доминантни пакети „Офис 365“ и „Мајкрософт 365“.
Членот 102 од Договорот за функционирање на ЕУ забранува злоупотреба на доминантна позиција на пазарот што може да влијае врз трговската размена во рамките на Унијата и да ја спречи или ограничи конкуренцијата. Спроведувањето на овој член е дефинирано со Антимонополската регулатива, која предвидува можност ЕК да покренува постапки доколку не се почитуваат правилата за конкурентност на ЕУ.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.