Европската комисија ќе понуди можности Украина да добие европски фондови и без заедничка одлука на 27-те земји од ЕУ. Тоа го соопшти претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со белгискиот премиер Александар де Кро, по повод почетокот на белгиското претседателство со Советот на ЕУ.
Двајцата истакнаа дека целта е да се постигне заедничка европска одлука за промени во буџетот на ЕУ, со што ќе се обезбедат средствата за Кијив, но важно е да се има и резервна опција. Во декември, Европскиот совет не можеше да постигне едногласност за тоа прашање поради унгарско несогласување.
Најстратешкиот приоритет на белгиското претседателство е поддршката за Украина, истакна Фон дер Лајен. ЕК ќе му предложи на Советот на ЕУ оперативно решение за договор за помош на Кијив. Белгија ќе има задача да ја спроведе таа одлука што е можно побрзо, додаде таа. Според неа, неопходно е преговорите за измените во европскиот буџет до 2027 година да завршат до крајот на јуни.
Ќе предложиме преоценување на некои европски политики во наредните месеци поврзани со идното проширување на ЕУ, додаде претседателката на Комисијата.