Европската комисија денеска официјално го укина Механизмот за соработка и верификација (ЦВМ) за Бугарија и Романија, кој беше воведен при зачленувањето на двете земји во ЕУ во 2007 година, како преодна мерка за олеснување на напредокот на полето на судските реформи и борбата против корупцијата, а за Софија дополнително и за справување со организираниот криминал.
По повод укинувањето на ЦВМ, претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен истакна дека Бугарија и Романија постигнале значителен напредок во овие сфери од нивното пристапување во ЕУ.
– Владеењето на правото е една од нашите основни заеднички вредности како Унија и двете земји членки спроведоа важни реформи во изминатите години. Денеска ги препознаваме овие напори ставајќи крај на ЦВМ. Работата сега може да продолжи според годишниот циклус на владеење на правото, како и за сите останати земји членки, додаде Фон дер Лајен.
Од почетокот на Механизмот во 2007 година, Комисијата редовно известуваше за напредокот во реформите во Бугарија и Романија. Последниот извештај за Бугарија беше објавен во октомври 2019 година, а за Романија во ноември 2022 година.
За двете земји, Еврокомисијата заклучи дека на задоволително ниво ги исполниле своите обврски утврдени со ЦВМ и дека треба да продолжат да работат за спроведување на конкретните обврски наведени во заклучоците од извештаите, што беа завршени во јуни 2023 година.
По ова, на 5 јули, Комисијата ги информираше и Советот на ЕУ и Европскиот парламент дека има намера официјално да го затвори ЦВМ за Бугарија и Романија, откако утврдила дека се имплементирани сите конкретни обврски наведени во заклучоците од извештаите.