Премиерот на Албанија, Еди Рама, на францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Шолц им достави нацрт на Заедницата на општини со српско мнозинство. Тој рече дека нацртот е подготвен од експерти и според него, очекува да биде валиден за да се подигне дијалогот Косово-Србија на друго ниво.
„Ве уверувам дека тоа е меѓународен документ на високо ниво кој ги зема предвид сите причини за создавањето на Заедницата и дефинитивно зема предвид дека таа е дел од организирањето на животот во Република Косово. Посакувам и се надевам дека овој материјал ќе биде корисен да го подигне дијалогот на друго ниво и да ги натера страните да зборуваат за конкретни работи поврзани со успешно завршување на дијалогот, а не да разговараат со себе и за себе. Србија конечно го загуби Косово во 1999 година. Посакувам успех за Курти и Косово“, рече Рама.
Рама рече дека е загрижен поради падот на довербата во Косово во очите на неговите сојузници.
„Косово се доведува во опасност да биде санкционирано поради неговото одбивање. Создавањето на Заедницата е клучот за конечно да се отворат вратите на сите меѓународни формули за Косово и за меѓусебно признавање од страна на Србија“, додаде Рама.
Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека следните четири дена ќе разговара со Србите на Косово.
Во Приштина пак, има различни политички коментари за нацртот на Еди Рама. Од владејачкото Движење Самоопределување рекоа дека на им треба спасител и оти патот кон пеколот е поплочен со добри намери. Предлогот е неприфатлив и за Демократскиот сојуз со став дека само власта во Приштина е надлежна за Заедницата. Но, од Демократската партија рекоа дека потегот на Еди Рама за нив е прифатлив и оти Косово треба да го прифати.
Шкелзен Аќифи