Повеќе од 80 милиони бактерии се разменуваат со само еден бакнеж од околу 10 секунди, според едно истражување објавено во списанието „Microbiome“.
Истражувањето исто така открива дека партнерите што се бакнуват барем девет пати дневно имаат слична орална бактериска флора.
Екосистемот од над 100 трилиони бактерии што живеат во нашето тело (т.н. микробиома) е неопходен за дигестија на храната, за синтеза на хранливите материи и за превенција на болести. Тој систем го определува генетиката, исхраната, годините, но исто така и лицата со кои стапуваме во контакт. Устата е живеалиште на над 700 различни бактерии и нивниот состав е исто така под директно влијание на оние што ни се блиски.
Во истражувањето што го спровеле истражувачите од „Micropia“ и „TNO“ во Холандија учествувале 21 пар. Тие биле замолени да пополнат прашалник за нивните навики за бакнување и да наведат колку просечно дневно се бакнуваат. Потоа им биле земени примероци за испитување од јазикот и плунката.
Резултатите покажале дека паровите кои често разменуваат интимни бакнежи имаат сличен состав на микроорганизми во плунката. Просечно по девет бакнувања дневно води до тоа паровите да делат многу слични микрооргнизми во плунката.
Со цел да ја одредат количината на бактерии што се пренесуваат, едно лице од парот требало да испие пробиотик кој содржел специфични бактерии меѓу кои и лактобацилус и бифидобактерија. После бакнувањето, истражувачите откриле дека количината на пробиотските бактерии во плунката на примачот се зголемила за три пати и пресметале дека околу 80 милиони бактерии се пренесуваат со бакнеж од 10 секунди.