Кошаркарот на Панатинаикос, Кендрик Нан е избран за најкорисен играч на Евролигата во сезоната 2024/2025.
Американецот ги предводеше атинските „зелени“ до третото место во регуларниот дел (22-12). Покрај МВП наградата тој ја доби наградата „Алфонсо Форд“, која му ја доделува на најдобриот стрелец на елитното европско натпреварување.
Поранешниот играч на Мајами имаше просек од 21,1 поен по натпревар, заедно со 3,6 скока и 4,3 асистенции, со просечен индекс на корисност од 20,3.
Миленикот на навивачите на Панатинаикос и човекот кој им ја донесе минатогодишната европска шампионска титула сезонава четири пати постигна 30 или повеќе поени на еден натпревар, а жртви беа екипите на Олимпија Милано (39), Ефес (36), Монако (37) и Црвена Звезда (31).
Главни конкуренти на Нан за наградата МВП му беа брилијантното крило на Олимпијакос и најкорисен играч за сезоната 2022/2023, Саша Везенков, но и фантастичниот плејмејкер на Париз и македонската репрезентација, Ти Џеј Шортс.
Нан, заедно со Везенков и Шортс, беше избран во првата петорка на ЕЛ заедно со Најџел Хејс-Дејвис и Карсен Едвардс.
Текстот Евролигата го заобиколи Ти Џеј Шортс, Кендрик Нан е МВП е превземен од МАКФАКС.