Полска е подготвена да ги брани своите партнери во НАТО во кој било момент, изјави денеска полскиот претседател Анджеј Дуда, набљудувајќи дел од најголемите вежби на Алијансата по Студената војна.
Со учество на околу 90.000 војници, вежбите „Непоколеблив бранител“ претставуваат демонстрација на сила за НАТО, додека земјите од неговото источно крило ги зголемуваат трошоците за одбрана соочени со нападот на Русија во Украина.
Полскиот дел од вежбите, наречен „Змај 24“, подразбираше преминување на војниците преку реката Висла, а потоа заминување до 300 километри оддалечениот јаз Сувалки, појас на земја кој се наоѓа меѓу Калининград и Белорусија.
„Ова се наши заеднички вежби кои ја зајакнуваат безбедноста на целото источно крило на НАТО. Полска е подготвена да ги спроведе нашите обврски кои произлегуваат од колективната одбрана во секое време“, рече Дуда за време на заедничкиот говор со литванскиот претседател Гитанас Науседа.
Дуда рече дека вежбата покажала подготвеност за одбрана на територијата на НАТО, вклучувајќи ги Полска, Литванија и балтичките земји.
„Литванија може да смета на нас, дека доколку има таква потреба, полските војници ќе застанат рамо до рамо со литванските сили за да ја заштитат секоја педа од земјата од непријателски напади“, посочи Дуда.
Денешните вежби вклучувале преминување на реката Висла со тенкови и оклопни возила од различни земји на НАТО, точка која е широка 340 метри.
Пренесува МИА