Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ не бил нападнат за време на неговиот престој во дискотеката „Топ хил“ во Будва, се наведува во соопштението на Полициската управа.
Во образложението на полицијата се наведува дека синоќа од страна на неколку лица имало нарушување на јавниот ред и мир во дискотеката „Топ хил“, по што премиерот Абазовиќ бил евакуиран од припадници на полицијата кои биле ангажирани за негово лично обезбедување.
„Тој безбедно го напушти овој објект, во присуство на припадници на полицијата кои биле ангажирани за негово лично обезбедување, од причини неповрзани со настанот во кој дошло до нарушување на јавниот ред и мир од страна на повеќе лица кои биле во објектот. Откако дошло до нарушување на јавниот ред и мир од страна на повеќе лица, полициските службеници презеле активности од нивна надлежност за да го спречат“, се вели во полициското соопштение,
Откако полицијата изрекла прво опомена, а потоа и наредба до лицата да престанат со нарушувањето на јавниот ред и мир, тие, како што се вели во соопштението, ги игнорирале, а полициските службеници врз три лица употребиле спреј со иритирачки ефект, додаваат од Полициската управа.
„Тие лица се донесени во службените простории на Секторот за безбедност во Будва, а за настанот бил известен и обвинителот во Основното државно обвинителство во Котор. По увидот, во предметот е констатирано дека дејствијата на овие лица не содржат елементи на кривично дело. Против нив ќе биде поднесена прекршочна пријава за прекршоци од Законот за јавен ред и мир“, се вели во соопштението на полицијата.