Петнаесет македонски агро-производители бесплатно ги усовршија своите дигитални вештини и веќе се во процес на пласирање на нивните производи на македонските платформи за интернет купување во рамки на проектот „Agri E-commerce“, кој го спроведува Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Проектот има за цел да одговори на потребите што доаѓаат од веб-платформите за е-трговија за продажба на локално одгледувани агро-производи (свежи или преработени) од една страна, и од друга страна да им помогне на локалните агро-производители да ги продаваат своите производи надвор од својата област на живеење – преку Интернет.
Ситуацијата со Ковид пандемијата ја забрза дигитализацијата на македонскиот пазар, оттука сите засегнати во производството и трговијата мора да ги следат новите правила што ги налага ситуацијата и пазарот. Нашиот фокус како винарија Бади е да бидеме присутни на онлајн платформите на македонскиот пазар, а во некои идни планови и на европскиот пазар.“ – изјави Блаже Миневски, од винаријата „Бади“.
Во рамки на проектот, агро-производителите поминаа низ четири различни обуки за зајакнување на нивните дигитални вештини, меѓу кои: учење на основите, можностите и регулативите во е-трговијата, практични примери и совети поврзани со маркетинг на социјалните медиуми, запознавање со алатките за дигитален маркетинг за е-трговија и запознавање со условите за онлајн продажба кај различни е-трговци.
Софија Шутова, од агро-бизнисот „Сид оф лајф“ кој е дел од учесниците на овој проект, вели дека обуките донеле големи придобивки во нивното работење.
Обуките беа пред сè многу практични и интерактивни. Предавачите имаа големо искуство во областа на онлајн продажбата и маркетингот, па можевме директно да поставуваме прашања и да учиме од нив. Конкретно мене најмногу ми користеа споделените алатки за креирање на привлечни содржини на социјалните медиуми и советите за креирање маркетинг стратегија.“ – изјави таа.
Во моментов проектот се наоѓа во последната фаза, каде што агро-производителите одржуваат состаноци со е-трговците од најпознатите македонски веб платформи за е-трговија и договараат детали за пласирање на нивните производи.
Веќе започнавме со примена на некои од насоките за уште поуспешно водење на нашиот бизнис, благодарение на кои ги бележиме и првите резултати во форма на подобрена комуникација на социјалните медиуми, додава Маја Чубриќ од охридскита агри-компанија „Трек Ми“.
Производите од агро-производителите кои се дел од програмата „Agri E-commerce” кои наскоро ќе бидат достапни на дел од најпознатите веб платформи за е-трговија, можат да се погледнат во продолжение: https://www.youtube.com/watch?v=MBeCIjh6QOY
Повеќе информации за активностите на проектот и контакт до агро-производителите кои се дел од него можете да дознаете на следниот линк: https://ecommerce.mk/agriecommerce/ .
Од АЕТМ уште еднаш ја потенцираат важноста од овој проект чија крајна цел е зголемена понуда и реализирани онлајн продажби на домашните агро-производи на македонските интернет продавници. Проектот „Agri E-commerce“ е поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.