Во организација на Здружението за промоција, едукација и заштита на човековите и здравствените права „Биди човек“, денеска во Кинотеката на премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Превенција подобро од лекување“.
Како што најавија организаторите, станува збор за филм кој е моќен доказ за издржливоста и храброста на три извонредни жени кои храбро се борат со карцином на јајниците.
Преку нивните лични приказни, документарецот фрла светлина врз предизвиците, триумфите и издржливоста на оние кои се погодени од карцином на јајниците, нудејќи им на гледачите подлабоко разбирање за влијанието на оваа често занемарена болест – тивок убиец. По премиерното прикажување, ќе следува панел дискусија на која ќе се потенцира важноста од раното дијагностицирање, третман и поддршка, посочуваат во соопштение.
Говорници на панел дискусијата ќе бидат проф. д-р Глигор Тофоски, проф. д-р Ана Данева, психолог Тина Чачоровска, жените кои се избореле и се борат со карциномот на јајниците Анита Бошкова, Емилија Христовска Костовска, Марија Стоименова и претседателката на Фемина М, Милица Кузмановска.
Реализацијата на овој проект е овозможена од „dm drogerie markt“.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.