„Обвинетиот Дардан Криваќа за кривично дело „тешко убиство“ е осуден на доживотен затвор“.

Другиот обвинет Арбер Сејдиу е осуден на 15 години затвор за кривично дело помагање во тешкото убиство на Маригона Османи.

Според обвинението, Дардан Криваќа на 21.08.2021 година во својот стан без согласност на сега покојната Маригона Османи ја принудувал на обљуба и на различни начини ја малтретирал. За време на говорот, судијата ги обелодени деталите за грозоморното убиство на 18-годишната пред две години.

„Два дена по ред од време на време континуирано со дрвен стап ја удира жртвата во различни делови од телото нанесувајќи и голема физичка и психичка болка. Од последиците на ова екстремно насилство предизвикано од  удари со некаков силен и тежок остар алат, настанала смртта на покојната Маригона Османи, која била последица на трауми и повеќекратни повреди“, рече Сахит Красниќи, судија во Судот во Урошевац.

Адвокатот на семејството на Маригона Османи рече дека семејството е незадоволно од казната за второобвинетиот. Тој најави жалба, бидејќи, како што рече, доживотен затвор заслужува и второобвинетиот.

„Учеството во убиство и да се биде осуден на 15 години е малку бесмислено“, рече Резми Османи, чичко на Маригона.

„Убиството на Маригона беше најтешкото убиство во повоениот период, бидејќи хронологијата на ова убиство траеше 72 часа пред да почине“, рече Газменд Реџепи, адвокат.

Маригона Османи имаше 18 години кога беше убиена на 22 август 2021 година во станот на главниот обвинет Дардан Криваќа во Урошевац. Две лица, сега осудените Криваќа и Сејдиу, мртвото тело на жртвата го пренеле во градската болница, а потоа заминале во непознат правец.