Украина и Русија се договорија за два хуманитарни коридори за евакуација на цивили, од опколениот град Мариупол, каде ситуацијата е крајно страшна. Заменик-градоначалникот на Мариупол предупреди дека луѓето почнуваат да умираат од глад, бидејќи резервите за храна и вода се веќе при крај.
„Никој не ни помогна. Жителите ни умираат пред очи. Немаме вода, немаме храна, немаме ништо“, изјави Олександар, жител на мариупол.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните влади да ја снабдат неговата земја со авиони, тенкови и системи за противракетна одбрана. Тој рече дека тешкото оружје што може да ја заштити слободата во Европа е сместено во залихи со прашина. Зеленски се пожали дека руските авиони не можат да бидат соборени со митралези.
„Украина не може да соборува руски ракети со пушки, митралези. Невозможно е да се ослободи Мариупол без доволен број тенкови, други оклопни возила и особено без авиони“, нагласи Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Украина спречила седум напади во источните региони Доњецк и Луганск, соопштија укрианските сили кои ја обвинија Русија и дека почнала да уништува складишта за гориво и храна. Меѓународната агенција за атомска енергија изрази загриженост поради притисоците со кои се соочува персоналот во електраната во Чернобил, бидејќи нема ротација на персоналот речиси една недела. Повеќе од 3,7 милиони луѓе ја напуштија Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.
Арта Тахири