Министрите за надворешни работи на членките на Групата 20 најголеми светски економии (Г20) денеска на Бали покажаа длабоки несогласувања за руската војна во Украина и борбата со глобалните последици од тој конфликт. На средбата, на која американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за прв пат беа во иста просторија од почетокот на руската инвазија на Украина, домаќинот на средбата, Индонезија, упати емотивен апел за единство и крај на таа војна. Индонезискиот министер за надворешни работи Ретно Марсуди ги повика учесниците, меѓу нив и кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, да ја надминат недовербата за доброто на планетата која се соочува со повеќе предизвици, од пандемијата на корона вирусот до климатските промени до војната во Украина.

Advertisements

Лавров и Блинкен не покажале интерес еден за друг и не планираат да се сретнат, наведува Асошиејтед прес. Лавров, кој веднаш ја напушти салата по говорот рече дека Русите не ги прекинале „сите контакти, туку САД“. Набргу потоа, Блинкен директно ја обвини Москва дека блокира милиони тони жито во украинските пристаништа и со тоа предизвикува недостиг на храна во големи делови од светот, рече еден западен дипломат присутен. Американските власти велат дека централното прашање на состанокот на Бали треба да биде нарушувањето на снабдувањето со храна и енергија во светот, предизвикано од руската војна во Украина.

Прикажи повеќе