Левски Софија со голема предност синоќа си замина од Скопје, откако со 2-0 го совлада Шкупи. Она што го забележаа сите уште пред натпреварот, се потврди и за време на играта, дека теренот на Националната Арена “Тодор Проески“ е во катастрофална состојба.
И дефанзивецот на Левски, Кристиан Димитров, после натпреварот се пожали за состојбата на тревникот и сосема со право се запраша кој дозволи да се игра на ваков терен.
“Имаме добра предност од два гол, но се уште ништо не е готово. Се надевам дека ќе победиме и во Софија. Видовте на каква нива за компири игравме. Не знам како може ваков меч да се игра на ваков терен. Сепак, имаме добар резултат и се надевам на победа и на реваншот. Не знам како може да се играат натпревари од европските купови на ваква нива за компири, а што се однесува за нашата игра, тоа не го коментираат стручњаците,“ рече Димитров после натпреварот.
Лошата состојба со тревникот е уште позагрижувачка ако се знае дека за само 40-тина дена во Скопје ќе гостува актуелниот европски шампион Италија.
Одговорните и луѓето што се задолжени за одржување на теренот имаат малку време да го средат теренот, бидејќи доколку состојбата остане ваква ќе бидеме за потсмев во целата светска јавност, но може да дојде и под знак прашалник одигрувањето на натпреварот на наше тло и италијанците да бараат да се игра на друг стадион, кој ние го немаме./Sportmanija.mk/