Десетици луѓе загинаа во воздушни напади врз Појасот Газа, Гутереш во својот мандат не видел толку смрт и уништување како во Газа

Вкупно 65 лица се убиени и ранети во израелските воздушни напади врз населба со шатори во јужниот дел на Појасот Газа, соопштија денеска официјални лица од Газа, додека израелската војска информира дека целта бил команден центар на Хамас.

Како што пренесува МИА, лекарите и локалните жители велат дека шаторската населба се наоѓа во близина на градот Кан Јунис, во областа Ал-Маваси, која е означена како хуманитарна зона, со оглед на тоа што е преполна со раселени Палестинци. Најмалку четири проектили паднале на подрачјето, при што биле запалени дваесет шатори и направиле кратери длабоки девет метри.

Функционери од Газа наведуваат дека загинале и ранети се 65 лица, но не се знае точно колку од нив загинале, а колку се ранети. Министерството за здравство сè уште собира податоци, додека новинската агенција на Хамас, Шехаб јави дека загинале 40 Палестинци.

Израелската армија соопшти дека нападнала терористи на Хамас кои формирале командно-контролен центар во хуманитарната зона. „Терористите напредуваа и извршија терористички напади против нашите војници и државата Израел“, се вели во соопштението на израелската армија.

Хамас ги отфрли сите обвинувања за користење на цивилни области за воени цели. „Ллага е да се оправдаат овие страшни злосторства. Во зоните во кои живеат цивили, нема наши членови, нема кој би го искористил тој простор за воени цели“, соопшти Хамас.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изјави дека светската организација понудиле да го надгледуваат секој прекин на огнот што ќе се постигне во Газа и побарале крај на „најлошата смрт и уништување“ што ја видел во својот седумгодишен мандат.

Во интервју за АП, Гутереш додаде дека е нереално да се мисли дека ОН би можеле да одиграат каква било улога во иднината на Газа, било да станува збор за управување или за мировни мисии, бидејќи е малку веројатно Израел да го прифати тоа.

-ОН ќе бидат на располагање да поддржат каков било прекин на огнот, рече Гутереш.

Обединетите нации уште од 1948 година на Бликсиот Исток ја имаат воената набљудувачка мисија – УНТСО.

-Секако дека ќе бидеме подготвени за што и да побара меѓународната заедница од нас. Единственото прашање е дали страните ќе го прифатат тоа, односно дали Израел ќе го прифати, изјави генералниот секретар на Обединетите нации.