Делови од руски дрон „Гербер“ се пронајден на плажа во Латвија, додека делови од ракета, веројатно употребена за соборување на еден од авионите, се откриени во Полска, објавија локалните власти вчера и денес, пишува „Киев Индепендент“.
Наодите доаѓаат нешто повеќе од една недела откако Русија го изврши најголемото кршење на воздушниот простор на НАТО од почетокот на нејзината инвазија на Украина во 2022 година, кога најмалку 21 дрон влегоа на полска територија за време на масовниот напад врз Украина, анализираат медиумите.
Делот од опашката на дрон „Гербер“ е пронајден во близина на летонското село Варве, во западниот округ Вентспилс. Латвискиот министер за одбрана Андрис Спрудс потврди дека, според проценката на војската, остатоците не содржеле експлозиви. Латвија е членка на НАТО.
Дроновите од типот „Гербер“ се дизајнирани како мамки за преоптоварување на украинската воздушна одбрана. Тие се направени од полистирен и иверица, тежат помалку од 20 килограми и имаат дострел до 600 километри. Се верува дека ова се беспилотните летала што го нарушија полскиот воздушен простор на 10 септември, според написите.
Латвиската премиерка Евика Силина побара од министрите за одбрана и внатрешни работи да контактираат со своите полски колеги за да утврдат дали пронајдениот дрон е еден од оние што беа забележани над Полска минатата недела.
„Наш приоритет е зајакнување на источната граница, но јасно е дека заштитата на брегот на Балтичкото Море со инсталирање на потребните сензори е подеднакво важна“, напиша Силина на социјалната мрежа X.
Во исто време, полската воена полиција вчера објави дека делови од ракета се пронајдени во селото Чоини, на околу 70 километри од украинската граница. Се претпоставува дека ова е оружјето што е употребено за соборување на рускиот дрон. Полицијата соопшти дека нема повредени или материјална штета и дека е во тек форензичка истрага.
Фото: принтскрин
Текстот Делови од руски дрон пронајдени во Латвија е превземен од МАКФАКС.