Д-р Горан Кунгуловски, на Фејсбук ги анализира последните бројки на заразени од Ковид-19 во државава и открива кој има поголеми шанси да се зарази од болеста – прележаните, вакцинираните и непрележаните што не се вакцинирани.
– Што укажуваат последните бројки за прележаните, вакцинираните и непрележаните што не се вакцинирани?
Прележаните
Оние што ја прележале болеста имаат мала шанса да се заразат. Ефективноста на прележаноста кон нова инфекција (ре-инфекција) е некаде меѓу 80-95% зависно од старосната граница. Позитивниот аспект е што оваа ефективност не се намалува дијаметрално дури и после повеќе од 6 месеци; има студии каде што после 9-10 месеци останува таква. Прележаните со барем една доза на мРНК вакцина имаат 2-3 пати подобри исходи од невакцинираните прележани. Покрај тоа нивниот имун одговор созрева (барем 4-12 месеци) и може да неутрализира и идни соеви на вирусот коишто моментално не постојат. Не се знае колку време ќе трае оваа заштита.
Вакцинираните (непрележани)
Вакцинираните со две дози на мРНК вакцина имаат мала шанса да се заразат првите 1-2 месеци од примање на вакцината (ефективност околу 85-95% зависно од старосна граница). Како изминува времето оваа ефективност паѓа на 40-50% после 6 месеци и веројатно на 20-30% после 9 месеци (во зависност од старосната граница). После 9 месеци, вакцината сеуште добро се држи во однос на намалување на ризикот за смрт со просечна ефективност >80%, но за несреќа кај повисоки старосни групи се намалува на 50%, посебно кај тие над 80 години. Тоа е добар аргумент за примање на booster доза после 6 месеци кај старите, имунокомпромитирани и изнемоштени лица. Не се знае колку ќе трае оваа заштита кон сериозен тек на болеста [многу малку литература има за кинеските и руските вакцини, затоа не коментирам за нив].
Знаејќи го ова, прележаните треба во најмала рака да се третираат како вакцинираните: прво за да бидеме интелектуално и научно искрени и да не ги дискриминираме, второ за да ги мотивираме оние што се тестираат дома да се пријават за да влезат во официјална статистика и последователно да имаме подобар увид во епидемиолошката состојба.
Непрележаните и невакцинираните
Имаат најголем ризик за сериозен тек на болеста и смрт и треба да се вакцинираат. Посебно тие во повисоките старосни групи. Тие се луѓето коишто ги полнат и ќе продолжат да ги полнат болниците, се додека не стекнат некаков имун одговор.. Полните болници имаат два главни ефекти: помалку соодветна нега на болните од КОВИД и намалена медицинска нега на болните со други хронични болести.
Секој со својот ум и за себе и за другите.. – пишува д-р Кунгуловски на Фејсбук.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.