Се гледа крајот на пандемијата, очекуваме мирна пролет, изјави во вечерашното гостување на ТВ Телма д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија.
Тој вели дека сите кои истовремено се комплетно вакцинирани и го прележале вирусот, во моментов можат мирно да спијат.
-Може да се заразат, меѓутоа за два-три дена се ќе помине, без многу трчање и паника. Има претерано голем број пациенти по клиниките. Паниката да спласне, за два-три дена се смируваат работите, барем за вакцинираните и тие кои прележале Ковид-19. Државата обезбеди вакцини и рестрикции, меѓутоа сега животот оди понатаму, појаснува д-р Беќаровски.
Во однос на маските во училиштата, докторот смета барем за основците има резон да се размисли и да се овозможи родителите да одлучат или да се укине носењето.
-За затворените простории нема дебата, барем во моментов – мора да се носат, категоричен е Беќаровски.
Тој го повтори својот став дека ковид-сертификатите во моментов се непотребни и дека тие треба да се укинат.
– Младите сите ни се по кафулиња, ретко кој е контролиран, а само 20% од нив се вакцинирани. Сертификатот ја изгуби секоја смисла, барем за домашна употреба треба да се тргне, рече д-р Беќаровски.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.