Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изјави дека доколку Израел почне да спроведува нови закони со кои се прекинуваат врските со Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), според меѓународното право, ќе мора да ги задоволи потребите на бегалците. Во писмото испратено до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, до кое дојде агенцијата АП, Гутереш наведува дека нема алтернатива за агенцијата УНРВА.

Тој во писмото посочува како што пренесува агенцијата, дека УНРВА била спас за време на војната меѓу Израел и Хамас во Газа и дека новиот закон на Израел „ќе има катастрофални последици за палестинските бегалци“ во Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим.

Тој нагласи дека Израел, како окупаторска сила, според меѓународното хуманитарно право, треба да обезбеди задоволување на потребите на Палестинците, вклучувајќи храна, здравствена заштита и образование. Тој додаде дека доколку Израел не е во позиција да ги задоволи овие потреби, тогаш има обврска да дозволи и да ги олесни активностите на ОН во таа област.

„УНРВА е главното средство со кое се обезбедува помош за палестинските бегалци“, рече Гутереш.

Гутереш рече дека доколку активностите на УНРВА бидат ограничени или запрени, Израел ќе мора да го пополни вакуумот „за да се осигура дека потребите на населението се задоволени“. Агенцијата на ОН за деца, здравје и миграција, исто така, нагласи дека УНРВА е „рбетот“ на операциите на меѓународната организација во Газа, каде луѓето се потпираа на помошта во храна и здравствените центри кои доаѓаа преку УНРВА за време на повеќе од една година војна, во која загинаа илјадници луѓе, а голем дел од енклавата остана во урнатини.

Портпаролот на ОН Стефан Дужарик рече дека ОН се охрабрени од изјавите за поддршка на УНРВА кои доаѓаат од сите страни. Израелскиот парламент во понеделникот го одобри законот со кој се забранува агенцијата на Обединетите нации за палестинските бегалци да работи во Израел поради обвинувањата дека УНРВА има блиски врски со членовите на Хамас и дека некои од 13.000 вработени на УНРВА во Газа учествувале во нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година што ја предизвика војната, пренесува Танјуг.

Текстот Гутереш: Ако Израел ги прекине врските со УНРВА, ќе мора сам да ги задоволи потребите на бегалците е превземен од МАКФАКС.