Европската унија мора да го забрза членството на земјите од Западен Балкан за да не дозволи други играчи да го зголемат своето влијание во регионот. Ова го изјави претседателката на Комисијата за надворешна политика на словенечкиот Парламент Моника Грегорчиќ, коментирајќи ја руската инвазија на Украина. Таа по средбата со својот колега Антонио Милошоски рече дека ЕУ треба да размисли и за брзо членство на Украина. Милошоски пак, информираше дека утре во комисијата треба да се изгласа декларација за поддршка на Украина.
„Словенија предложи да се забрза процесот на проширување на ЕУ со земјите-кандидати и уште еднаш на Украина да ѝ даде временска рамка во која Украина ќе стане членка на ЕУ и мислиме дека тоа ќе биде прифатено и ќе ги направиме сите напори, тоа да стане реалност. Процесот на земјите од Западен Балкан во ЕУ мора да се забрза за да се спречи другите играчи да влијаат во регионот“, рече Моника Грегорчиќ, Парламент на Словенија.