Граѓанската војна во Судан е на работ да ескалира, предупредија денеска Обединетите нации, на годишнината од почетокот на големите борби во оваа источноафриканска земја, јави ДПА.
Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека досега во борбите загинаа најмалку 16.000 лица, 33.000 се повредени и околу девет милиони раселени, а сега се наѕира и глад, пренесува ДПА.
Повеќе од една третина од луѓето во суданската престолнина Картум и во регионот Дарфур веќе страдаат од акутен недостиг на храна, соопшти СЗО.
Бројот на акутно неухранети деца под петгодишна возраст и бремени жени и мајки кои дојат е зголемен од 3,9 милиони на почетокот на 2023 година на 4,9 милиони во 2024 година.
Во земјата се водат крвави борби за превласт меѓу силите на Абдел Фатах ал-Бурхан, армиски генерал кој е де факто лидер на Судан, и неговиот поранешен заменик Мохамед Хамдан Дагло, кој ги предводи паравоените Сили за брза поддршка (РСФ).
Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, имал одделни телефонски разговори со двајцата генерали, прв пат од 2022 година, соопшти денеска неговата канцеларија, пренесе германската агенција.
Според канцеларијата на комесарот на ОН, Турк ги повикал воените лидери почнат мировни преговори, да не ја попречуваат хуманитарната помош во земјата и да ги спречат злосторствата извршени од нивните борци.
-И двајцата се согласија дека меѓународното хуманитарно право мора да се почитува, изјави портпаролката на Турк, но не даде никакви детали за натамошни реакции од двете страни.
Според портпаролката, не се разговарало за конкретни предлози за нови мировни преговори или за средба меѓу двајцата воени лидери.