Повеќето граѓани не очекуваат дека земјава конечно ќе ги започне преговорите за членство во Европската унија, ниту по засилената дипломатска активност последниов период. Дел од анкетираните го обвинуваат Брисел, другите пак – домашните власти.
„П: Очекувате ли Македонија да ги започне преговорите со ЕУ?
-Не… Не ни заслужуваме со ваква Влада.“
„Зашто не не сака Европската унија… После 20 години и името го сменивте и ништо нема од тоа.“
„Граѓаните не ни размислуваат за тоа, ни најмалку. Не.“
„Се зависи кои ултиматуми се во прашање.“
Во меѓувреме, Брисел веќе го постави јуни како рок кога очекува да се одржи првата Меѓувладина седница со Македонија и Албанија, со што и практично ќе започнат преговорите за членство.
Еврокомесарот Жозеп Борел кажа дека доколку преговорите не започнат, Унијата ќе предизвика сериозна криза во односите со земјите од Западен Балкан. Еврокомесарот Оливер Вархеји претходно истакна дека клучни за договор меѓу Скопје и Софија се наредните три недели. По неговата посета на Бугарија, но и резолуцијата на Европарламентот, во која се вели дека е крајно време за „историско помирување“ меѓу двете земји, бугарскиот премиер Кирил Петков го повика претседателот Румен Радев повторно да го свика Консултативниот совет за национална безбедност, со единствена точка на дневен ред – дијалогот со Скопје.
Од Кабинетот на претседателот нема официјален одговор на повикот, но сепак секретарот на Радев, на фејсбук напиша дека ставовите на Софија веќе одамна се познати и нема потреба од нов Совет. Дел од бугарските опозициски партии се сомневаат дека повикот на Петков е обид за промена во преговарачките позиции. Од друга страна, Петков нема ниту поддршка од коалициските партнери.
„Не знам господинот Радев дали воопшто ќе го свика Советот. А и зошто да го свика кога веќе има позиција, поддржана од сите партии? Ќе бидеме навистина крајни се посегне по бугарскиот национален интерес“, изјави Станислав Балабанов – пратеник на ИТН
Крајниот исход од разговорите Скопје-Софија ќе биде познат кон крајот на јуни, за кога е закажан Самитот на ЕУ. Доколку блокадата за преговарачката рамка на Македонија остане, домашните власти рекоа дека веќе ќе биде потрошен значаен политички капитал вложен во досегашниот тек на разговорите со Софија и дека ќе треба да се отвори дебатата за што понатаму. /Алсат.мк
Лука Андреев