Европскиот Парламент ја одобри одлуката за укинување на Шенген визите за граѓаните на Косово, со која се заокружуваат процедурите за одлучување по ова прашање. Одобрувањето беше направено без гласање, бидејќи немаше приговори.
„Не добив никаков предлог за отфрлање на ставот на Советот на министри на ЕУ и никаков амандман. Затоа ставот на Советот е усвоен и предложениот акт е усвоен“, рече Роберта Мецола, претседателка на ЕП.
Утре ќе биде потпишан правниот акт за укинување на визите, а единствениот чекор што ќе мора да се направи потоа е објавување на одлуката во Службениот весник на ЕУ и нејзино стапување во сила. Советот на министри на ЕУ минатиот месец со просто мнозинство ја одобри визната либерализација за Косово. Сега е јасно дека спроведувањето на одлуката нема да се одлага по 1 јануари 2024 година.
Со оваа мерка граѓаните на Косово слободно ќе патуваат во Шенген зоната, која се состои од 27 европски земји. Косово во моментов е единствената земја од Западен Балкан чии граѓани не можат слободно да се движат низ Европа.
Шкелзен Аќифи