Властите на Косово соопштија дека сите гранични точки меѓу Косово и Србија се повторно отворени за сообраќај. Граничните премини Брњак и Мердара беа затворени од косовските власти откако вчера попладне претставници на неколку српски здруженија ги блокираа патиштата во близина на три гранични премини. Блокадите беа организирани како одговор на одлуките на Владата на Косово за затворање на паралелните српски институции на северот на земјата. Вчера маскирани лица од српската страна на границата „селективно ги запирале граѓаните кои сакаале да транзитираат низ Србија, изјави косовскиот министер за внатрешни работи Свечла.

„Откако ги добивме најавите дека блокадите создадени од маскирани лица кои вчера се наоѓаа на територијата на Србија се веќе отстранети и согледувајќи дека нема пречки за сообраќај од и кон граничните точки на Република Косово, ја донесовме одлуката да се отворат за промет граничните точки Мердара и Брњак“, рече Џелал Свечла, министер за внатрешни работи.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека поставувањето блокади на граничните премини од страна на Србија е направено со цел да се создаде тензија и да се дестабилизира мирот и безбедноста на Косово и регионот.

„Спротивно на сите бриселски договори кои се постигнати во овие 12 години, Србија уште еднаш покажува дека не се грижи за слободно движење, добрососедство, напротив, продолжува да користи криминални банди за континуирани напади на Косово и за слободно движење. Овие блокади што се создадени неодамна, кои конкретно имаат за цел да ги тероризираат албанските граѓани, тие сакаа да ги искористат овие гранични точки, имаат само една цел, да создадат тензии, да го дестабилизираат Косово и целиот наш регион…“, нагласи Вјоса Османи, претседател на Косово.

Драгиша Мириќ, претседател на здружението „Корени“ во Србија, попладнето соопшти дека блокадата во Мердаре е прекината. Мириќ рече дека неговото здружение ќе чека до 1 октомври за исполнување на нивните барања од страна на косовските власти и предупреди на нова блокада на границата, доколку не се исполнат барањата на Србите. Организаторите на блокадите бараат Косово да ја повлече полицијата од општините со мнозинско српско население на север, да дозволи користење на српскиот динар, кој беше забранет на почетокот на оваа година и да им овозможи работа на паралелните српски власти во општините./Алсат.мк