Големата суша што го зафати северниот дел на американската сојузна држава Ново Мексико предизвика големи шумски пожари при што се уништени 166 станбени објекти, а стотици домови се загрозени од силните ветрови што ја носи огнената стихија кон планинските населби.
Advertisements
Локалните власти укажуваат дека илјадници жители се подготвуваат за евакуација доколку пожарите се приближат до населените места во Мора долината, 64 километри североисточно од Санта Фе.
– Утре може да биде уште еден катастрофален ден, изјави Карл Швопе, командант на Службата за интервенции во вонредни ситуации.
Ова се најголемите и најразoрните пожари што моментално беснеат во југозападниот дел на САД. Научниците тврдат дека пожарите се почести и посилни, а годинава поради климатските појави почнале порано од вообичаено.
Шерифот на округот Мора, Америк Падила, им порача на локалните жители, што ги има околу десет илјади, да ги спакуваат куферите и да се држат до своите најблиски бидејќи наредбата за евакуација може да дојде во секој момент.
Сушата што трае веќе 25 години, ги исуши дрвјата на влажност од само осум проценти, што е помалку отколку дрвената граѓа. Долгогодишната суша од пошумените планини создаде потенцијална опасност за населението.
Метеоролозите за утрешниот ден предвидуваат ветрови со брзина од 80 километри на час. „Ќе биде многу опасен, огнен ден“, изјави експертот за шумски пожари Стјуарт Тарнер.