Италијанското правосудство вчера зададе голем удар на „Ндрангета“, најмоќната мафијашка група во Италија, осудувајќи 70 нејзини членови и помагачи на најголемото судење за мафијата од крајот на 1980-тите.
Судијата Клаудио Парис прочита пресуди за 91 обвинет во големата судница во градот Ламеција Терме, во Калабрија, на југот од земјата, каде од јануари се води голем процес во кој му се суди на стотина лица, кои припаѓаат или соработуваат со „Ндрангета“.
Во судската постапка, за која се очекува дека ќе трае барем две години, уште 355 чекаат судење.
Некои се осудени на 20 години затвор
За истрагата беа потребни неколку години, а полициската акција заврши во декември 2019 година.
Дваесет и еден од обвинетите се одлучија за брзо судење кое беше затворено за јавност, а им се овозможи казната во случај на осуда да им се намали за една третина.
Познатиот антимафијачки обвинител Никола Гратери – кој поради пресметка со „Ндрангета“ повеќе од 30 години мораше да живее под полициска заштита – рече дека во саботата се поминало добро.
„Од 91 обвинет, осудени се 70“, рече тој за АднКронос, додавајќи дека пуштени се луѓето што се сметаат за „ситна риба“.
Некои се осудени на највисоката можна казна од 20 години затвор, по барање на обвинителите.
Меѓу нив се Доменико Макри, ќлен на военото крило на групата, Пасквале Галоне, десна рака на наводниот шеф на мафијата Луиџи Манкус, кому судењето уште му трае, како и Грегорио Ниља, кој набавувал оружје и се занимавал со изнуда.
Околу третина од групата се осудени на повеќе од 10 години, а 21 лице се ослободени, рече Гратери.