Од јавното здравство на годишно ниво од земјава заминуваат од 200-250 лекари, изјави докторот Горан Димитров од Македонското лекарско друштво на 5 април на настан организиран по повод Светскиот ден на здравјето (7 април).
За да се задржат лекарите во земјава, тој смета дека потребни се неколку мерки од здравствените власти.
Од професионална гледна точка мислам дека треба да се направи добра регионализација, да се обезбедат подобри услови за специјализација, напредување, за брзо вработување на некој начин со стипендии уште додека учат студентите по медицина и секако да се почитуваат некои вид на желби за напредувањето и визијата што ја имаат младите луѓе, вели Димитров.
Заменик-министерката за здравство, Маја Манолева, пак, смета дека одливот не само на лекари туку генерално на здравствени работници е глобален проблем.
Секако дека треба да се соочиме со него. Во изминатиот период интервениравме во она што значи примарен услов, но не и единствен, за останување на здравствените работници во земјава – тоа е зголемувањето на платите. Со тоа ќе продолжиме и во наредниот период по завршување на изборите, вели Манолева.
Втора мерка, посочува таа е навремено и брзо упатување на лекарите на специјализација. Понатаму, како мерки што ќе ги мотивираат лекарите да останат во Македонија заменик-министерката ги посочи и вложувањето во инфраструктурата, но и во модерна и софистицирана опрема која овозможува светски методи што се работат во странство да се применуваат и во земјава.
Според податоците кои ги сподели Димитров како прв човек на Македонското лекарско здружение, бројот на лекари кои се медицински доктори, не вклучувајќи ги тука стоматолозите и фармацевтите, во моментов се движи помеѓу 6.000 и 7.000. Оваа бројка на почетокот на 20. век била само 60-тина лекари, а во 1990-тите изнесувала 18.000 лекари.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.