Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека е подготвен да го распушти парламентот и да го отвори патот за нови избори по распадот на тричлената коалиција на канцеларот Олаф Шолц барајќи од сите партии да се однесуваат одговорно, јавуваат агенциите.
Шолц рече дека ќе побара гласање за доверба во парламентот по заминувањето на министерот за финансии, Кристијан Линднер, со што неговата влада повеќе нема да има мнозинство. Само по неуспешно гласање за доверба, Штајнмаер може да распише нови избори.
„Сега не е време за тактики, туку за разум и одговорност“, рече Штајнмаер на прес-конференцијата.
Тој нагласи дека германската демократија е силна, пренесува ДПА.
„Крајот на коалицијата не е крај на светот. Тоа е политичка криза, која треба да ја надминеме и ќе ја надминеме“, додаде тој.
Изјави дека германскиот Устав дава јасни насоки за идните активности.
Како претседател, ќе треба да одлучам за распуштање на долниот дом на парламентот, Бундестагот, рече тој.
„Подготвен сум да ја донесам оваа одлука. На нашата земја ѝ треба стабилно мнозинство и оперативна влада. Тоа ќе биде моето мерило“, додаде Штајнмаер.
Текстот Германскиот претседател подготвен да распише нови избори: „Крајот на коалицијата не е крај на светот“ е превземен од МАКФАКС.