Германија: Сè уште има политички затвореници со германско државјанство во Русија и Белорусија

Германското министерство за надворешни работи синоќа соопшти дека сè уште има „двоцифрен број луѓе“ со германско државјанство во затвори во Русија, а „едноцифрен број Германци“ се држат во Белорусија, пренесе ДПА. Оваа изјава доаѓа во контекст на најголемата размена на политички затвореници од Студената војна наваму, остварена во четвртокот меѓу Москва и Западот.

Руските власти околу две години одбиваат да дозволат претставници на германската дипломатска мисија да ги посетат затворениците со двојно државјанство – руско и германско, објаснува ДПА.

„Тие ги третираат луѓето со руско државјанство, кои имаат пасоши и на друга држава, главно како граѓани на Русија“, соопшти германското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека Берлин не го споделува ова гледиште и се стреми „на секој начин“ да добие пристап до овие свои граѓани.

ДПА наведува дека меѓу ослободените во размената биле германскиот државјанин Рико Кригер, осуден на смрт во Белорусија, и четири лица кои биле затворени во Русија.

Извор: МИА / фото: архива