Германската влада планира да воведе нова форма на воена служба која првично би се базирала на доброволна основа, објавија денес германските медиуми.
Како што објавија неколку германски медиуми, повикувајќи се на извори во Бундестагот, министерот за одбрана Борис Писториус (Социјалдемократска партија на Германија СПД) презентираше предлог-закон за воена служба која би се базирала на доброволност.
Законот предвидува скратена доброволна воена служба од шест месеци, која може да се продолжи според личните желби на регрутот. Шестмесечната ротација, како што е наведено, овозможува обука на поголем број војници од сегашната дванаесетмесечна воена служба.
За време на оваа скратена воена обука, регрутите би биле подготвени за поедноставни задачи како што се инспекции или чување објекти. Секое продолжување на рокот би донело со себе дополнителна професионална обука.
Според медиумски извори, нацрт-законот предвидува повторно воведување на задолжителна воена служба во случај потребите на Бундесверот да не можат да се задоволат на доброволна основа. Прашалниците што се користат за регрутирање нови доброволни регрути би биле дистрибуирани до сите членови на една генерација, кои на тој начин би се изјасниле дали се подготвени за воена служба или не.
За мажите, пополнувањето на прашалникот би било задолжително за жените, не. Писториус планира да го зголеми сегашниот состав на Бундесверот поради заканата што доаѓа од Русија на вкупно 460.000 членови.
Експертите веруваат дека Бундесверот нема да може да го достигне потребниот број војници само на доброволна основа. Затоа има барања во нацрт-законот да се вметне клаузула што би овозможила автоматско преминување на задолжителна воена служба во случај доброволната служба да не го покрие потребниот број војници.
Отпорот кон воведувањето на задолжителна воена обврска доаѓа првенствено од редовите на СПД, која ја формира федералната влада заедно со Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ.
Задолжителната воена служба беше укината во 2011 година поради неуставност, бидејќи не беше можно да се овозможи сите членови на една генерација да служат во војската.
Текстот Германија воведува шестмесечен воен рок е превземен од МАКФАКС.