Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во понеделникот го поддржа предлогот за создавање меѓународен регулатор за вештачка интелигенција (ВИ) кој ќе функционира како Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), откако предлогот претходно беше изнесен од шефовите на некои компании кои развиваат вештачка интелигенција.
Откако ChatGPT беше лансиран пред шест месеци, се зголеми загриженоста за моќта на вештачката интелигенција да создава убедливи лажни фотографии и други дезинформации.
Алармните ѕвона се заглушувачки поради најновата форма на вештачка интелигенција – генеративната вештачка интелигенција. Најгласните доаѓаат од програмерите кои го дизајнирале – изјави Гутереш на новинарите.
Мора сериозно да ги сфатиме тие предупредувања – додаде тој.
Тој најави дека планира да започне со работа до крајот на годината на високо ниво советодавно тело за вештачка интелигенција кое редовно ќе ги разгледува аранжманите за управување со вештачката интелигенција и ќе нуди препораки за тоа како да се усогласи вештачката интелигенција со човековите права, владеењето на правото и општото добро.
Јас би бил за идејата за создавање агенција за вештачка интелигенција инспирирана од она што денес е Меѓународна агенција за атомска енергија – рече тој во понеделникот.
Гутереш рече дека таков модел може да биде „многу интересен“, но истакна дека „само земјите-членки можат да го создадат, а не Секретаријатот на Обединетите нации“.
МААЕ со седиште во Виена е основана во 1957 година и промовира безбедно и мирно користење на нуклеарните технологии и ги следи можните прекршувања на Договорот за нуклеарно неширење (НПТ).
Таа агенција има 176 земји-членки.
Креаторот на ChatGPT, OpenAI, минатиот месец рече дека тело како IAEA може да постави ограничувања за имплементацијата, да ја провери усогласеноста со безбедносните стандарди и да ја следи употребата на компјутерската моќ.
Британскиот премиер Риши Сунак, исто така, ја поддржа идејата, велејќи дека сака Велика Британија да биде лидер во глобалната регулатива за безбедност на вештачката интелигенција.
Лондон треба да биде домаќин на самит за координирана меѓународна акција против ризиците од вештачката интелигенција подоцна оваа година.
Гутереш рече дека го поддржува планот за самит во Велика Британија, но нагласи дека треба да му претходи „сериозна работа“.
Тој додаде дека планира во наредните денови да назначи научен советодавен одбор од експерти за вештачка интелигенција од агенциите на ОН.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.