Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска го осуди вчерашниот израелски напад врз зградата на иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск, повикувајќи ги „сите засегнати страни да покажат максимална воздржаност и да избегнат понатамошна ескалација (на конфликтот)“.
„Генералниот секретар предупредува дека секое погрешно проценување може да доведе до ескалација на конфликтот во веќе нестабилниот регион, со разорни последици за цивилното население кое веќе трпи невидено страдање во Сирија, Либан, окупираните палестински територии и поширокиот Блиски Исток., се наведува во изјавата на портпаролот на ОН, Стефан Дужарик,а пренесува МИА.
Израелски воени авиони вчера го нападнаа иранскиот конзулат во Дамаск, а либански безбедносен извор изјави дека во нападот загинал Мохамед Реза Захеди, командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда.
Иранската државна телевизија денеска објави дека бројот на жртвите во нападите се искачи на 13 лица, вклучувајќи вкупно седум членови на Исламската револуционерна гарда.