Резултатите од руските претседателски избори не се неочекувани и не изненадија никого. Ниту начинот на кој беа изведени. Демократскиот Запад е згрозен од тоа како Путин си обезбеди уште еден шестгодишен мандат на чело со Русија.
Западот ја осудува наместената изборна победа на „болниот за моќ“ Путин
Стејт департментот објави дека американските официјални лица немаат намера да му честитаат на рускиот претседател Владимир Путин за неговиот реизбор, додека обединетото Обединетото Кралство, исто така, го опиша гласањето како фарса.
„ Путин ги затвора политичките противници и ги спречи другите да се кандидираат против него“, рече Џон Кирби, портпаролот на Белата куќа за национална безбедност.
„Овие руски избори јасно ја нагласуваат длабочината на репресијата под режимот на претседателот Путин, кој се обидува да го замолчи секое противење на неговата нелегална војна“, рече министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство Дејвид Камерон во изјавата.
Високи европски функционери во понеделникот го опишаа руското гласање како „фарса“ и ја нагласија „длабочината на репресијата“ во Русија. Земјите од Европската унија, во заедничка изјава, рекоа дека Русите биле спречени од „вистинскиот избор“ тврдејќи дека сите кандидати противници на војната во Украина беа отфрлени од изборите.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, исто така, тврди дека гласањето било „засновано на репресија и заплашување“. Германија, Франција, Италија, Чешка и Норвешка го повторија овој наратив оспорувајќи го интегритетот на руските избори.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, врз чија земја, пред две години Путин изврши целосна воена агресија, и за целиот тој период неговите воени сили вршат секојдневни напади врз градовите во кои гинат голем број цивили, меѓу кои и деца, вршат тортура, киднапирање, воени злосторства, уништување на цивилната инфраструктура, изјави дека изборите во Русија немаат легитимитет.
„На сите во светот му е јасно дека оваа личност (Путин)… едноставно е болен за моќ и прави се за да владее вечно“, рече Зеленски.
И додека највисоките западни функционери беа згрозени од неговото газење на последните остатоци од руската демократија, пријателите и сојузниците на Путин се натпреваруваа кој побрзо да му честита. Меѓу оние кои побрзаа да му честитаа на Путин се лидерите на земјите каде што демократијата е на многу ниско ниво, а водечките луѓе во државите се или веќе докажани или доктатори во најава
Ердоган и Вучиќ во друштво на Џинпинг, Ким Џонг Ун, Лукашенко, иранскиот претседател Раиси
Кинескиот лидер Си Џинпинг, иранскиот претседател Ебрахим Раиси, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, белорускиот претседател Александар Лукашенко, но и турскиот и српскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган и Александар Вучиќ се најдоа на оваа листа на лидери кои исто така му честитаа на Путин за реизборот.
Пекинг му честиташе на Путин, велејќи дека земјите се „стратешки кооперативни партнери во новата ера“, додавајќи дека резултатот „целосно ја одразува поддршката на рускиот народ“, според кинеските државни медиуми.
Иранската државната новинска агенција ИРНА објави дека иранскиот претседател Ебрахим Раиси ја поздравил „решителната победа“ на Путин.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во понеделникот vо телефонски разговор му честиташе на реизборot на рускиот колега Владимир Путин и му понуди да посредува меѓу Москва и Украина, објави турското претседателство.
Според соопштението на турското претседателство, во честитката Ердоган изразил уверување дека позитивната еволуција на односите меѓу Турција и Русија продолжува и дополнил дека Турција е подготвена да игра улога на олеснувач за да се врати на преговарачката маса со Украина.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пак, од своја страна испрати писмо – честитка до Путин во кое, покрај честитките за изборната победа, ја искористи можноста да ѝ се заблагодари на Руската Федерација за поддршката што ја дава на територијалниот интегритет на Србија, во, како што пишува српскиот претседател, тешката ситуацијата со која се соочува српскиот народ на Косово и Метохија, значајните политички предизвици со кои се соочува Србија.
Со оваа честика, Вучиќ ја оддалечува Србија од европската иднина, смета потпретседателот на ССП, Борко Стефановиќ, кој, како што објави ЦИВИЛ Медиа, изјави дека претседателот на Србија испраќа порака дека не му пречи што изборите во Русија се организирани во сенката на починатиот опозиционер Навални и војната во Украина и со тоа покажува дека за него се прифатливи прогонот и апсењето на политичките противници и новинари, и сосема е јасно дека е всушност враќање на долгот кон Путин, кој заедно со Орбан и Ердоган и ја честиташе победата на неговата СНС на декемвриските избори, за кои домашните и странски набљудувачи, целиот Европски парламент, опозицијата и граѓанскиот сектор докажаа дека се производ на изборна измама.
Честитки од традиционалните поддржувачи од Латинска Америка и Заедницата на независни држави
Покрај традиционалните поддржувачи, лидерите на шесте земји-членки на Заедницата на независни држави (ЗНД), Азербејџан, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан кои му честитаа на рускиот претседател Владимир Путин за победата на претседателските избори, истакнувајќи ја, како што соопшти Кремљ, широката поддршка од руските граѓани, кон честитките се придружија и лидерот на Боливија, Луис Арце; на Никарагва, Даниел Ортега; Ксиомара Кастро од Хондурас; кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канела. Венецуелскиот претседател Николас Мадуро му честиташе и на Путин, потенцирајќи ја притоа „исклучителната“ излезност на гласањето.
Топли честитки од Индија, Пакистан, Mјанмар
Индискиот премиер Нарендра Моди ги испрати своите „топли честитки“ на Путин, нагласувајќи дека со нетрпение очекува да ја зајакне нивната „специјална врска“.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изјави денеска дека му честитал на рускиот претседател Владимир Путин за победата на изборите.
Честитка упати и премиерот на Мјанмар, Мин Аунг Хлаинг кој изрази целосна поддршка за курсот за надворешна политика на Русија и за претседателот на Руската Федерација. Премиерот гледа дека победата на Путин зборува за народната поддршка на Русите.
Желби за просперитет од Сирија, Алжир, Бахреин, Катар, Саудиска Арабија
Сирискиот претседател Башар ал Асад денеска му честиташе на Владимир Путин за неговиот реизбор „ со мнозинство гласови“, соопшти кабинетот на Ал Асад
Алжирскиот претседател Абделмаџид Тебуне му честиташе на рускиот претседател Владимир Путин за победата на претседателските избори, откри неговиот кабинет.
Во одделни честитки објавени на интернет, престолонаследникот на Бахреин Салман Бин Хамад Ал-Калифа и емирот на Катар Тамим Бин Хамад Ал-Тани, искажаа надеж за „развој и просперитет“ на Путин,
На сличен начин реизборот на Путин му го честитаа кралот на Саудиска Арабија Салман и престолонаследникот Мохамед бин Салман посакувајќи му „успех и просперитет“
Кон честитките се придружија африканските „демократии“ Чад и Нигер
Претседателот на Чад Махамат Идрис Деби Итно објави на Фејсбук дека резултатот од изборите бил „доказ за довербата на рускиот народ“ во Путин.
Нигерискиот генерал Абдурахман Тчиани, исто така, му честиташе на Путин за неговата „звучна победа“изјавувајќи дека Нигер може да зависи од „личната посветеност“ на Путин да го поддржи во „обновувањето на својот суверенитет“.
Најголемите фанови на Путин во Југоисточна Европа ја поздравуваат изборната победа
Лидерот на босанските Срби Милорад Додик беше еден од неколкуте политичари од Југоисточна Европа кои јавно го поздравија реизборот на Путин. Неговата партија, СНСД, на својата Фејсбук страница објави слика од Додик со Путин. Додик, кој е под американски санкции, и лично му честиташе на Путин, драгиот пријател на Република Српска, за неговата победа, велејќи дека таа била „дочекана со радост“ од српскиот народ.
По тој повод, Палатата на Републиката во Бања Лука, административна престолнина на српскиот ентитет на Босна и Херцеговина, беше осветлена во боите на руското знаме.
И поранешниот молдавски претседател Игор Додон, лидер на Социјалистичката партија (ПСРМ) наклонета кон Русија, објави слична порака на својата Фејсбук страница, објавувајќи и слика на која е со Путин.
Гувернерот на проруската автономна област Гагаузија во Молдавија, Евгенија Гуцул срдечно му честиташе на Путин за резултатот од изборите, изразувајќи уверување дека неговиот реизбор на функцијата претседател укажува на неговата активна поддршка за курсот што го следи провинцијата.
Но, што се случува со Орбан?
Единствено неочекувано, во целата оваа лакрдија околу „слободните, фер и демократски“ претседателски избори во Русија и победата на единственот реален кандидат на нив, е непроизнесувањето на унгарскиот премиер, и досегашен верен поддржувач на Путин, Виктор Орбан. За чудо, тој се уште му нема честитано на Путин за победата на претседателските избори, иако тоа го стори за неговиот реизбор во 2018 година, во ретка порака за поддршка од земја од ЕУ, додека Путин, за возврат, му ја честиташе победта на унгарскиот премиер Виктор Орбан на изборите во Унгарија во 2022 година. Она што сега е поралично, е тоа што во меѓувреме, во декември минатата година, непосредно пред Самитот на ЕУ, Европската комисија донесе одлука за исплата на 10,2 милијарди евра од средства наменети за Унгарија, кои предходно беа замрзнати.
Драган Мишев