Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за време на посетата на Ташкент, изјави дека Узбекистан е „земја на иднината“ и нагласи дека Србија мора да се позиционира за соработка со земјите кои бележат брз економски раст, пренесува РТС.
„Најсилниот впечаток врз мене, а верувам и врз сите вас, останува огромниот напредок на Узбекистан – неверојатен напредок. Минатата година стапката на раст беше 6,5 проценти, а оваа година веројатно ќе биде уште поголема. Во првите три квартали веќе се достигнати 7,6 проценти“, рече Вучиќ, додавајќи дека ова е земја на млади, со оглед на тоа што 60 проценти од населението е под 30 години.
Тој најави дека се очекува посета на узбекистанскиот претседател Шавкат Мирзијоев во Белград на почетокот на 2026 година, кога треба да започне и стратешко партнерство.
„Ова ќе биде почеток на нашето стратешко партнерство. Ќе ги подготвиме најважните документи што ќе бидат основа за подобрување на соработката“, рече Вучиќ.
„Знам дека луѓето во Србија не се секогаш доволно заинтересирани за вакви теми, но ова е нашата иднина. Ова се земји кои растат неверојатно брзо и ние мора да ја позиционираме Србија тука“, нагласи тој.
Српската делегација беше особено импресионирана од паркот за информатичка технологија, за кој Вучиќ рече дека ги покажува огромните инвестиции на Узбекистан во знаење и развој. Она што, вели тој, особено го фасцинирало е напорната работа и дисциплината на неговите граѓани.
„За разлика од Европејците – а тие нè сметаат во Европа иако не сме дел од Европската Унија – тие не бараат да работат што е можно помалку и да бидат платени што е можно повеќе. Овие луѓе сакаат да работат што е можно повеќе, тие го имаат тоа „тигрово око“ и јасно гледаат дека со својата работа можат да нè надминат сите нас“, истакна српскиот претседател.
Тој додаде дека Србија, иако нема да биде лесно да го промени својот менталитет, може да учи од ваквите партнери и да ја искористи таа енергија во корист на своите граѓани. Како пример за добра пракса, тој го наведе узбекистанскиот модел на централизирани јавни набавки, кој донесе големи заштеди и кој Србија планира да го проучи.
фото: принтскрин
Текстот Вучиќ во Узбекистан: Тука нè гледаат како Европејци, иако не сме во ЕУ е превземен од МАКФАКС.























