На петтиот ден од воените судири руска и украинска делегација седнаа на преговарачка маса. Додека околу Киев, на истокот и на југот на Украина продолжува да се води жестока битка, домаќинот, белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеј на двете страни им посака постигнување на брзи резултати.
„Како што беше договорено со претседателите Зеленски и Путин, можете да се чувствувате безбедно, тоа е наша света должност“, рече Владимир Макеј – министер за надворешни работи на Белорусија.
Пред да се оствари средбата, од Кабинетот на украинскиот претседател известија дека на самиот почеток ќе биде поставено прашањето за прекин на огнот и повлекување на руската војска, по што би продолжиле разговорите. Претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна дека не очекува големи резултати од овие разговори, но оти треба да се искористи секоја шанса, дури и мала, доколку може да се запре инвазијата.
Од Кремљ пак, велат дека нема да ги соопштуваат своите позиции и побарале преговорите да се одвиваат „во тишина“.
Пред почетокот на состанокот, главниот руски преговарач Владимир Медински изрази надеж за договор – што поскоро.
„Секој изминат час од конфликтот значи загинати украински граѓани, украински војници и ние сме безусловно заинтересирани да постигнеме некаков договор што е можно поскоро. Овој договор дефинитивно мора да бидат во интерес на двете страни“, рече Медински.
Со сили шест наспрема пет на преговарачката маса, побројната, украинска делегација, ја предводи министерот за одбрана, Олексеј Режников, додека пак руската страна ја претставува советникот на Путин, Владимир Медински. Двете страни се согласија да се сретнат на украинско-белоруската граница. Кремљ претходно инсистираше средбата да се одржи во Минск, а официјален Киев ја одби понудата со образложение дека од белоруска територија се врши инвазијата.
Лука Андреев