Во Судан има „практично целосен“ прекин на интернетот, соопшти организацијата која го следи пристапот до мрежата во светот, додека борбите меѓу армијата и паравоените групи во таа земја влегуваат во својата втора недела.
„Мрежните податоци во реално време покажуваат практично целосно прекинување на интернетот во Судан, националното поврзување не достигнува повеќе од два отсто од нормалното ниво“, објави на Твитер Нетблокс, организацијата со седиште во Лондон.
Во судирите меѓу двете страни во таа источноафриканска земја стотици луѓе загинаа, илјадници се повредени, а населението се соочува со недостиг од струја и храна.
Насилството избувна на 15 април меѓу армијата на генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, водач на Судан од пучот во 2021 година, и неговиот помошник, кој му стана ривал, генералот Мохамед Хамдан Дагло, кој ја предводи паравоената група Сили за брза поддршка.