Во последните 24 часа во Словенија се потврдени 3.731 инфекција со коронавирус, 40 помалку од претходниот ден и над 7.000 помалку од пред седум дена, а епидемиолошката состојба се уште се подобрува, соопшти словенечката влада.
Во земјата моментално има 84.411 активни случаи, седумдневниот просек на потврдени инфекции е 4.553 дневно, додека 14-дневната инциденца на инфекции е намалена на 4.192 случаи, соопшти словенечкиот Институт за јавно здравје.
И понатаму благо се намалува бројот на хоспитализирани пациенти со Ковид во болниците, па има уште 689, од кои 109 се на одделенијата за интензивна нега, а уште десет починале во последните 24 часа.
Од денеска, со владина одлука повеќе не се ставаат во карантин лица во случај на ризичен контакт со заразени, туку се предупредени да избегнуваат средби со луѓе од ранливите групи, особено со стари лица и со ослабен имунолошки систем.
Словенечкиот Институт за јавно здравје соопшти дека од денеска повеќе нема да се бараат ризични контакти на заразените. На оние кои до вчера ја добиле одредбата за карантин им е кажано дека мора да продолжат да останат во изолација до неговото истекување.
Премиерот Јанез Јанша синоќа на Твитер објави дека „деновиве“ ќе се спроведат мерките за олеснување предложени од епидемиолозите, пренее Индекс.хр.