Два и пол месечно бебе почина од голема кашлица во Мостар. Бебето не било вакцинирано и имало други здравствени проблеми.
Надлежните велат дека нема простор за ширење паника, но повикуваат на вакцинација. Во Хрватска дури има и епидемија на голема кашлица, пишува „Српски инфо“.
Институтот за јавно здравје потврди дека пред десет дена во Универзитетската болница во Мостар е регистриран случај на заразна голема кашлица кај бебето“, пренесува „БХРТ“.
„И покрај сите преземени мерки од колегите од клиниката за детски болести, детето за жал почина. Можам да кажам дека детето имаше некои други здравствени проблеми, и дека не е вакцинирано, дали поради тие болести или не, но тоа е периодот кога првата доза за голема кашлица се дава во вториот месец“, изјави Ениз Чолаковиќ, директор на Институтот за јавно здравје.
Големата кашлица е екстремно заразна бактериска инфекција на дишните патишта, а најдобра превенција е редовната вакцинација на децата. Заводот затоа апелира за редовна вакцинација на децата со цел да се спречи појава и ширење на заразни болести, како што е во моментов случајот во Хрватска.
Најлошо е во Сплит, каде има повеќе од 70 заболени, додека 10 лица се заразени во Загреб.
Големата кашлица се пренесува преку капки, а првите симптоми се појавуваат по седум дена. Изгледа како настинка. Лекарите велат дека најпогодени се малите деца кои немаат целосно развиен имунитет и не се вакцинирани.
Последен пат во БиХ е забележана голема кашлица во 2018 година, кога биле заразени 93 лица.
Од Институтот посочуваат дека во последните месеци на ниво на БиХ се спроведува зајакната програма за имунизација, бидејќи нејзиниот пад носи ризик од враќање на заразните детски болести кои практично се искоренети со години. Се надеваат дека во случај на голема кашлица таа нема да достигне посериозни епидемиски размери.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.