Министрите за надворешни работи на ЕУ денес ќе одржат итни разговори во обид да влијаат на самитот оваа недела меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин за војната во Украина, чиешто најавување предизвика стравувања од договор на штета на Киев.

Откако самитот меѓу претседателите на САД и Русија во Алјаска беше најавен за петок, Европејците водат сè повеќе разговори меѓу себе во обид да застанат заедно зад Украина.

Според Доналд Трамп, се очекува да се разговара за можен договор што би вклучувал „територијална размена“ за да се стави крај на конфликтот што одзема животи во двете земји повеќе од три години.

Присуството на украинскиот претседател Володимир Зеленски засега не е планирано, иако останува „можно“, според американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер.

„Претседателот Трамп е во право кога вели дека Русија мора да ја заврши војната против Украина. Соединетите Американски Држави имаат моќ да ја принудат Русија на сериозни преговори“, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

Но, таа нагласи дека „секој договор меѓу Соединетите Американски Држави и Русија мора да ги вклучи Украина и ЕУ бидејќи ова е безбедносно прашање за Украина и за цела Европа“.

Таа најави „вонреден состанок“ на министрите за надворешни работи на ЕУ преку видеоконференција во понеделник, во присуство на нивниот украински колега, Андриј Сибиха, „за да се разговара за следните чекори“.

Тој состанок ќе биде продолжение на серијата разговори во текот на викендот. Само Зеленски разговараше со 13 европски лидери во последните три дена, како и со претседателите на Казахстан и Азербејџан, додека рускиот претседател разговараше со тројца, вклучувајќи го и кинескиот претседател.

Киев „секако соработува со Соединетите Држави. Не поминува ден без да комуницираме за начините за постигнување вистински мир. Разбираме дека Русија има намера да ја измами Америка“, предупреди Зеленски во вечерна порака.

Најавата за самитот во Алјаска дојде во петок, истиот ден кога истече ултиматумот до Кремљ за прекин на војната.

Во недела навечер, лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Обединетото Кралство и Финска, како и претседателот на Европската комисија, го повикаа американскиот претседател да го зголеми „притисокот“ врз Русија.

Тие рекоа дека сите преговори треба да се одвиваат „во контекст на прекин на огнот или намалување на непријателствата“ и предупредија дека дипломатското решение мора да вклучува „цврсти и веродостојни безбедносни гаранции“ за Украина.

фото: принтскрин

Текстот Во Европа расте стравот од средбата Трамп-Путин: во тек се итни разговори е превземен од МАКФАКС.