Во Вашингтон почнува Трансатлантски економски форум на Југоисточна Европа

Во американскиот Конгрес во Вашингтон денеска почнува дводневната конференција „Трансатлантски економски форум на Југоисточна Европа“, чија цел е зајакнување на соработката меѓу Соединетите Американски Држави и земјите од регионот на Западен Балкан, соопшти Институтот за политика и економија на Југоисточна Европа.

Конференцијата ја организираат Трансатлантската лидерска мрежа и Европскиот центар на Атлантскиот совет од Вашингтон, во соработка со Институтот за политика и економија на Југоисточна Европа од Белград, јави Бета.

– Одржувањето на оваа конференција претставува значаен чекор во зајакнувањето на регулаторните рамки и поставување на основите за унапредување на економската соработка меѓу САД и земјите од Југоисточна Европа, рече директорот на Институтот Зоран Кораќ.

Тој информира дека на маргините на конференцијата ќе се одржат голем број билатерални средби на кои ќе се разговара за зајакнување на соработката меѓу САД и земјите од Западен Балкан.

Како што се наведува во соопштението, на конференцијата ќе има панел дискусии фокусирани на клучните аспекти на регионалната соработка и развој, како што се надминување на бариерите за подобрување на трговијата, енергетскиот потенцијал на регионот, независното судство и борбата против корупцијата, дигитализацијата и развојот на финансискиот сектор.

Според агендата, на конференцијата ќе учествуваат и директорот на МЕПСО Зуди Енузи и Даниела Василевска Михајловска од Стопанската комора на Северна Македонија.