Со претставата „Смртта и Богородица“ вечерва се отвора новата сезона во Албанскиот театар во Скопје.
Делото на драматургот Ариел Дорфман, во режија на Афердита Нухији, ја претставува пред јавноста приказната за Чилеанката Паулина, која била заробена од Владата за време на диктатурата. Оригиналното дело е напишано во 1990 година, а режисерката вели дека преку ова приказна се обидела да ги долови елементите кои се присутни во општеството и денес.
„Се обидов да ставам во фокус за точките кои нè мачат, особено жените, бидејќи да бидам искрена, целата претстава во целина е претстава што со право им дава сила на жените за случаи од пред повеќе години во Чиле. Но, не можеме да кажеме дека тоа не се случува и кај нас бидејќи секој ден се соочуваме со вакви настани. Можеби не во истата форма на силување, но постои психолошко насилство, постои и насилство со зборови од кое едвај поминувате на улица и многу други“, рече Афердита Нухији, режисерка.
Актерите беа задоволни од претставата и соработката со режисерот.
„Јас го играм ликот на Роберто Мирандо, лик кој е лекар кој во време на диктаторскиот режим направил непристојна работа намерно или ненамерно, но поради системот, бил на страната на владетелите, а кој бил против нив. За да ги задоволат нивните нечовечки желби силувале девојки и експериментирале со нив“, рече Хамди Рашиди, актер.
Во претставата играат Аида Елези, Фисник Зеќири, Хамди Рашиди, Абедин Алими и Сабина Мемиши. Во Албанскиот театар наскоро ќе биде изведена и премиерата на режисерот Фатос Бериша – „ДНК“, „Туѓо месо“ од Мартин Кочовски, како и премиерата на претставата „Вујко Вања“ од Владимир Милчин.
Сара Хоџа