Првиот случај на „флурона”, односно истовремена зараза со корона вирус и грип, е забележан во Израел.

Локалните медиуми известуваат дека пациентката е млада трудница со благи симптоми, која моментално е примена во болницата Беилинсон во градот Петач Тиква, јави Индепендент

„Ѝ беа дијагностицирани грип и коронавирус веднаш штом пристигна“, изјави професорот Арнон Вижницер, директор на Одделот за гинекологија во болницата, за локалниот весник Хамодија.

„Двата теста се вратија позитивни, дури и откако повторно ги проверивме“.

„Болеста е истата болест; тие се вирусни и предизвикуваат отежнато дишење бидејќи и двете го напаѓаат горниот респираторен тракт“, додаде тој.

Израелското министерство за здравство соопшти дека го проучуваат случајот за да утврдат дали комбинацијата од двете инфекции може да предизвика посериозно заболување.

Вижницер додаде дека трудницата не била вакцинирана против коронавирус или грип, но немала особено силни симптоми. Таа се чувствува добро и се очекува да биде пуштена од болница во четврток, јави Њузвик.

Ова е прв документиран случај на истовремена инфекција со коронавирус и вирус на грип, но здравствените експерти веруваат дека имало и други кои не се документирани.

Бројот на случаи на зараза со коронавирус во Израел е во пораст. Секој ден се евидентираат околу 2.300 нови случаи.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.