Украина и Русија денес одржаа нова размена на воени затвореници според јунскиот договор, без да го откријат нивниот број.
Двете земји неколку пати разменија воени затвореници во последните недели, што е единствената област на соработка меѓу двете завојувани страни кои не постигнуваат напредок во мировните преговори, според медиумите.
„На 4 јули, нова група руски војници се врати од територијата контролирана од режимот во Киев“, соопшти руското Министерство за одбрана.
Објави видео на кое се прикажани околу петнаесет војници опкружени со знамиња и извикуваат „Русија“ во автобус.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, ја потврди размената, велејќи дека повеќето од затворениците биле во руско заробеништво од 2022 година, вклучувајќи и цивили.
„Размените мора да продолжат. Целта на Украина е да ги ослободи сите наши сонародници притворени во Русија“, напиша Зеленски на апликацијата Телеграм.
На 2 јуни, Киев и Москва се согласија да ги ослободат сите воени заробеници под 25 години и тешко ранетите, како и да ги вратат останките на паднатите борци, што беше единствениот позитивен исход од разговорите во Истанбул.
Двете страни неодамна престанаа да откриваат информации за ослободените затвореници.
Текстот (Видео) Украина и Русија разменија заробеници е превземен од МАКФАКС.