Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави материјали поврзани со атентатот на поранешниот претседател Џон Кенеди за да го исполни своето предизборно ветување за поголема транспарентност за кобниот настан во Тексас.
Првата серија електронски копии од документите се појави на веб-страницата на Националниот архив на САД, а повеќе од 80.000 се очекува да бидат објавени откако адвокатите на Министерството за правда со часови ги прочистуваа.
Дигиталните документи, вклучувајќи ги и претходно доверливите белешки, нудат поглед на атмосферата на страв што ги карактеризираше американските односи со Советскиот Сојуз набргу по кубанската ракетна криза во 1962 година, која речиси доведе до нуклеарна војна.
Објавувањето на документите сè уште веројатно ќе ги заинтригира луѓето кои долго време биле фасцинирани од драматичниот период во историјата, атентатот и самиот Кенеди.
Многу од документите се однесуваат на работата на истражителите кои се обидоа да дознаат повеќе за времето кое атентаторот Ли Харви Освалд го поминал во Советскиот Сојуз, и да ги следат неговите движења во месеците пред атентатот на Кенеди во Далас на 22 ноември 1963 година.
Првичниот преглед на материјалот не покажа отстапување од официјалната верзија на настаните.
Министерот на Трамп, за здравство, Роберт Ф. Кенеди помладиот, син на Роберт Кенеди и внук на Џон Ф. Кенеди, рече дека верува дека ЦИА била вклучена во смртта на неговиот чичко, обвинување кое агенцијата го отфрли како неосновано.
Џек Шлосберг, внукот на ЏФК, вчера на социјалната платформа Икс напиша: „Администрацијата на Трамп не предупреди никого во семејството на претседателот Кенеди за објавувањето“.
Фредерик Логевал, професор по историја на Харвард, кој напиша книга за ЏФК, изјави за Ројтерс дека новите документи би можеле да ја комплетираат сликата за атентатот.
„Важно е кога ќе ја добиете целата документација, идеално во нецензурирана форма. Сепак, не очекувам драматични нови откритија кои суштински ќе го променат нашето разбирање за настаните“, напиша тој.
Објавените документи се достапни на следниот ЛИНК.
Текстот (Видео) Трамп ги објави документите за атентатот на Кенеди е превземен од МАКФАКС.