Стотици Палестинци протестираа вчера против Хамас и војната на најмалку три локации во Газа, релативно редок настан во Појасот, пишува Тајмс оф Израел.

Снимката објавена на социјалната мрежа Х покажува околу 100 жители на Беит Лахиа, во северниот дел на Појасот Газа, како одржуваат протести повикувајќи на крај на војната и крај на владеењето на Хамас, а некои демонстранти носеа транспаренти на кои пишува „Одбиваме да умреме“ и „Децата во Палестина сакаат да живеат“.

Дополнително, неколку видео клипови снимија жители како извикуваат „Хамас надвор“, „Хамас терористи“, „Народот сака да го собори Хамас“ и „Да за мирот, не за војната“.

Некои од демонстрантите носеа бели знамиња.

Како што пишува „Тајмс оф Израел“, неколку часа по првиот протест, во бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Газа се одржа уште еден протест против војната и Хамас, при што десетици демонстранти палеле гуми и скандирале „Сакаме да јадеме“.

Хамас официјално не ги коментираше протестите.

Протестите се релативно ретка појава во Газа, особено против Хамас, кој одржува цврста контрола врз Појасот откако ја собори палестинската власт од територијата пред речиси две децении, пренесува медиумот.

Текстот (Видео) Стотици Палестинци протестираа во Газа против Хамас. „Одбиваме да умреме“ е превземен од МАКФАКС.