Голем инцидент го потресе Ливерпул вечерва откако непознато лице намерно влета со автомобил во толпата навивачи кои ја славеа шампионската титула на нивниот тим.

Според снимките од местото на настанот, црн автомобил со голема брзина се забил во толпата навивачи, оставајќи зад себе шокантни сцени на хаос и паника.

Видео кое кружи на социјалните мрежи го прикажува моментот кога возило влегува во толпата и удира во најмалку две лица. Наместо да застане, возачот забрзал, скршнал и продолжил низ толпата, повредувајќи уште повеќе луѓе, според написите во медиумите од регионот.

Нема официјална потврда за точниот број на повредени, но според првичните информации, станува збор за „десетици повредени“, а некои сведоци тврдат дека имало и посериозни повреди. Медицинските екипи веднаш реагираа, а областа на инцидентот брзо беше блокирана.

Полицијата потврди дека лицето зад воланот е уапсено и дека е во тек кривична истрага.

„Во овој момент не можеме да зборуваме за мотивите, но апелираме до сите сведоци да се јават со информации“, соопшти полицијата.

Настанот ја шокираше јавноста, а многумина преку социјалните мрежи изразија загриженост и осуда на овој ужасен чин.

Текстот (Видео) Со автомобил се заби во луѓе на прославата во Ливерпул е превземен од МАКФАКС.