Кардиналот Матео Зупи во италијанскиот град Болоња предводеше трогателно седумчасовно молитвено бдение за сите деца загинати во конфликтот меѓу Израел и Хамас од почетокот на војната пред две години. На бдението, кое се одржа во паркот Монте Соле ди Марцабото, беа прочитани имињата и возрастите на вкупно 12.227 деца жртви – 16 израелски и 12.211 палестински, врз основа на официјални податоци од двете страни.
Кардиналот Зупи ги повика присутните да се посветат на мирот и дијалогот: „Ги кажуваме нивните имиња едно по едно. Тие бараат од нас да бараме мир, да го прекинеме огнот и да создадеме услови за заштита на невините, од ослободување на заложниците до тоа да не се држи цела нација како заложник“.
Молитвеното бдение се одржа на историско место, во урнатините на црквата Казаља, која беше запалена од нацистите за време на масакрот во кој беа убиени речиси 800 луѓе, вклучувајќи деца. Настанот го организираше монашката заедница на Малото семејство на Благовештението во соработка со Училиштето за мир на Монте Соле, со цел да се зачува сеќавањето на страдањето и да се потенцира важноста на мирот.
Апелите за мир и заштита на цивилите се засилени во последните недели поради зголемениот број жртви и заканата од глад во Газа. Свештеникот Габриел Романели од Газа ја опиша тешката ситуација, истакнувајќи дека бомбите и смртта се присутни низ целата енклава, додека Ерусалимскиот патријарх Пицабала и папата Лав XIV ги повикаа сите страни на прекин на огнот и дипломатски решенија.
Кардиналот Зупи, назначен од папата Франциск за мировен пратеник за Украина, е познат и по посредувањето во размена на заложници и неговите дипломатски напори за мир во конфликтни региони.
Текстот (Видео) Седум часа ги читаше имињата на сите убиени деца во Газа, дури 12.227 жртви е превземен од МАКФАКС.