Властите на француската прекуморска територија Реунион во Индискиот Океан денеска издадоа највисоко ниво на предупредување, додека циклонот Гаранс со налети од 200 километри на час се приближува до островот во близина на Мадагаскар.

Се очекува центарот на бурата да зафати голем дел од северниот дел на островот, а најсилните ветрови ќе дуваат меѓу главниот град Сен Дени и градот Сен Лео, се наведува во соопштението на локалната администрација, пренесува Ројтерс.

„Со оглед на опасноста од приближување на циклонот, префектот на Реунион издаде виолетово (највисоко) предупредување“, соопшти администрацијата.

Во четвртокот францускиот претседател Емануел Макрон ги повика жителите да бидат внимателни и да ги следат безбедносните упатства.

Управата на островот вчера издаде црвено предупредување, што значи дека е дозволено движење на полицијата и итните служби, а времето значително се влоши во текот на ноќта.

На сегашниот пат, циклонот се очекува да помине на 50 километри од островот меѓу четврток навечер и петок наутро, се вели во соопштението на префектурата.

Метеоролошката служба Метео-Франс предупреди дека може да има „директен удар“ на Реунион, повикувајќи го своето население да остане во затворен простор.

Училиштата се затворени од средата попладне. Илјадници луѓе на островот купија основни производи пред очекуваното затворање, формирајќи долги редици во продавниците.

„Мислев дека имам доволно време да пазарам, но згрешив“, рече еден клиент, Френк Витри, складирајќи флаширана вода во супермаркет, западно од островот.

Ми требаа 30 секунди да дојдам до вода, а јас чекав во ред да платам 10 минути“, воздивна тој, пренесува France24.

Други купуваа свеќи, батерии и конзервирана храна и ги наполнија своите возила.

Маурициус го затвори главниот аеродром во средата, додека блискиот француски остров Реунион требаше да го стори истото во четврток.

Метеоролошката служба на Маурициус соопшти дека циклонот се наоѓа на 310 километри северозападно од островот и дека станал „интензивна тропска бура“.

Циклонот „опасно се приближува до Маурициус и претставува директна закана“, се наведува во соопштението и се додава дека се очекуваат поплави.

Текстот (Видео) Прогласено највисокото ниво на тревога на остров во близина на Мадагаскар: доаѓа циклон со налети од 200 километри на час, на граѓаните им е забрането да се движат е превземен од МАКФАКС.